ПИОМ во официјалниот извештај сокри дека должел пари на приватните пензиски фондови

Менаџментот на Фондот за пензиско осигурување го објави Извештајот за работата за минатата година, но во него нема ниту збор за минатогодишните проблеми кога беше обелоденето дека токму државниот фонд не уплаќал пари за членовите во приватните пензиски фондови, што е законска обврска. Сепак, во Извештајот е наведено дека парите што се уплаќале кон приватните пензиски фондови биле надоместувани од државниот буџет.  

„Овие средства се надоместуваат од Буџетот на Републиката“, се наведува во Извештајот на ПИОМ.

Ова го отвора прашањето дали на ваков начин менаџментот на ПИОМ , одговорноста за непрефрлањето на парите од државниот кон приватните пензиски фондови ја префрла на Владата?

Од Извештајот за минатогодишното работење се гледа дека ПИОМ на приватните пензиски фондови требало да им префрли 77 милиони евра. Но, на крајот на минатата годината приватните пензиски фондови се пожалија дека ПИОМ им должи 13 милиони евра.

Откако ПИОМ прво негираше, потоа признаа дека долгот постои. По извесно време ПИОМ ги уплати парите, но таквата разврска следуваше само еден ден откако државата преку државни хартии од вредност на домашниот пазар се задолжи за 30 милиони евра.  

Инаку на крајот на минатата година во приватните пензиски друштва имало405.288 членови, и сите тие беа оштетени со тоа што нивните пари не беа префрлани  во приватните пензиски фондови

Според Закон за пензиското и инвалидското осигурување, стапката на придонесот која се распределува за Вториот пензиски столб, односно во приватните пензиски фондови изнесува 6% од основицата за плаќање на придонесот утврдена со закон, а за Првиот столб, односно кон ПИОМ се распределува 12% од вкупната стапка од 18% од уплатениот придонес.

http://faktor.mk/piom-vo-oficijalniot-izveshtaj-sokri-deka-dolzel-pari-na-privatnite-penziski-fondovi

Извор: Фактор – 25.10.2016