Поднеси барање лично

 

fiskalnatransparentnost.org.mk Ви нуди можност за електронско пополнување и печатење на барањата за пристап до информации од јавен карактер. fiskalnatransparentnost.org.mk има за цел да ѝ помогне на јавноста за поедноставно поднесување на писмени барања до јавните институции, како и да ја тестира реактивноста на институциите, односно нивната  подготвеност за споделување на информации од јавен карактер.

Заинтересираните граѓани, претставници на граѓанскиот сектор, бизнис‑заедницата, јавниот сектор и новинарите може да побараат документ, информација или податок од јавен карактер лично низ неколку чекори.

  • Чекор 1:  Со притискање на полето „Имател на информацијата“, одберете ја институцијата од која сакате да добиете информација.
  • Чекор 2: Во полето„Опис на информацијата што се бара“, внесете го конкретното прашање. Ве молиме избегнувајте да поставувате прашања на кои можете да добие одговор само со ДА или НЕ. Избегнувајте прашања како: Дали треба да поседувам земјоделско земјиште за да остварам право на субвенции за одгледување на живина?
  • Чекор 3: Во делот „Форма во која се бара информацијата“, со притискање изберете го начинот на кој сакате да ја добиете информацијата (увид во документација, препис, фотокопија, електронски запис или друг начин).
  • Чекор 4: Во делот „Начин на доставување на информацијата“, со притискање изберете го начинот на кој сакате да ја добиете информацијата (по пошта, телефонски, по факс, е-пошта или друг начин).
  • Чекор 5:  Во полето „Барател на информацијата“, внесете ги следните податоци: назив на правно лице или име и презиме на физичко лице, адреса каде што сакате да Ви пристигнат одговорите, телефон за контакт, факс и е-пошта).
  • Чекор 6: Полето „Застапник/полномошник на барателот на информацијата“ не се однесува на физичко лице. Ова поле се пополнува доколку барателот на информација е правно лице. Доколку барателот е правно лице, тогаш во ова поле се наведуваат следните информации: име и презиме на лицето ополномоштено да бара информации од јавен карактер во името на правното лице барател на информацијата, адреса, телефон за контакт, факс и е-пошта.
  • Чекор 7: Стиснете „Печати“. (Испечатете го барањето во два примероци).
  • Чекор 8: Откако ќе го испечатите барањето, рачно пополнете ги празните полиња „Во_____“ (тука се внесува име на градот/селото во кој/кое живеете) и „Датум_____“ (тука се внесува датумот кога сте го пополниле барањето).
  • Чекор 9:  Потпишете го барањето со краток потпис. (Доколку сте правно лице, освен потписот на застапникот на барателот на информацијата, потребено е барањето да се завери и со овластен печат на правното лице).

Вака пополнетото барање, во два примероци, поднесете го во архивата на институцијата од која барате информација. Едниот примерок останува кај институцијата, а другиот со архивски печат е за Вас. Примерокот што останува за Вас е основа за поднесување на жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, доколку во рок од 30 дена од датумот на поднесување на барањето не добиете никаков повратен одговор од институцијата.

Доколку не сте добиле одговор, искористете ја формата за жалба дадена на следниот линк:

 

Поднеси жалба

  • Чекор 1:  Со притискање на полето „Подносител“, внесете ги следните податоци: назив на правното лице/застапник или полномошник на правното лице или име и презиме на физичкото лице, адреса каде што сакате да Ви пристигне Решението што ќе го донесе Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, телефон за контакт, факс и е-пошта).
  • Чекор 2: Во полето „Жалбена основа“, внесете образложение за причината за која се жалите.

(Во образложението задолжително повикајте се на повреда на правата што Ви следуваат согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Текстот на законот можете да го најдете на следниот линк: Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер. Доколку Ви е потребна помош, обратете се до Здружението ЕСЕ на е-пошта: esem@esem.org.mk или на телефон  02/ 3298-295).  

  • Чекор 3: Стиснете „Печати“. (Испечатете ја жалбата во два примероци).
  • Чекор 4: Откако ќе го испечатите барањето, рачно пополнете ги празните полиња „Во_____“ (тука се внесува име на градот/селото во кој/кое живеете) и „Датум_____“ (тука се внесува датумот кога сте ја пополниле жалбата).
  • Чекор 5:  Потпишете ја жалбата со краток потпис. (Доколку сте правно лице, освен потписот на застапникот на жалителот, потребено е жалбата да се завери и со овластен печат на правното лице).

Вака пополнетата жалба, во два примероци, поднесете ја во архивата на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер на адреса: бул. „Гоце Делчев“ бр. 18 – Скопје (зграда на МРТВ – 14 кат). Едниот примерок останува кај Комисијата, а другиот со архивски печат е за Вас. Примерокот што останува за Вас е основа за поднесување на ургенција до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, доколку во рок од 15 дена од датумот на поднесување на жалбата не добиете никаков повратен одговор од Комисијата.

Доколку Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер донесе решение со кое Вие не се согласувате, имате право на тужба против решението на Комисијата до Управниот суд на Република Македонија, ул. Орце Николов б.б. тел: 02/ 3203-200.