Потпишан меморандум за соработка помеѓу Комисијата и советот за транспарентност и добро владеење од Шпанија

 

На дводневната работилница организирана со поддршка на инструментот TAIEX на Европската Комисија, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Комисијата за заштита на правото за словбоден пристап до информациите од јавен карактер и Советот за транспарентност и добро владеење од Шпанија. Меморандумот беше потпишан од страна на претседателот на Комисијата, д-р Ѓорги Сламков и Есперанца Забрано Гомез, заменик директор на Советот.

Претседателот на Комисијата д-р Сламков потенцира дека Меморандумот отвора нова перспектива во развојот на соработката помеѓу двете институции на полето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер, како и на споделување на досегашните искуства од имплементирањето на ова право во двете земји. Заменик директорот на Советот, г-ѓа Гомез, истакна дека со потпишувањето на Меморандумот двете институции взаемно ќе можат да ги разменуваат своите искуства, а сето ова во правец на заедничка соработка на полето на слободниот пристап до информации од јавен карактер.

Меморандумот предвидува соработката помеѓу потписниците во насока на подобрување на заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, особено во усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската Унија, зајакнување на институционалните структури, преку обуки и поттикнување на професионалните вештини на државните службеници во областа на заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, модернизација на системот за заштита на правото за слободен пристап, програми финансирани преку Европската унија, информирање на јавноста за европското искуство во областа на заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, заеднички консултации за имплементација, иницијативи и други активности, како и зајакнување на институционалната комуникација.

Двете институции со потпишувањето на овој Меморандум се обврзуваат соработката да ја вршат преку консултации и координација на техничка и административна помош за размена на информации за важечката законска регулатива и практика во областа на заштита на правото на слободен пристап, изградба на информациски системи, обука за експерти во областа, организирање на студиски посети, семинари, работилници, тркалезни маси и конференции со учество на експерти и функционери од двете страни, како и соработка во истражувања и стручни дискусии и размена на експерти во области од заеднички интерес.

Овој Меморандум ќе стапи во сила по неговото потпишување и важи за период од три години.
Со потпишувањето на Меморандумот, Комисијата ја продлабочува соработката со земјите на Европската Унија се со цел развивање на своите капацитети согласно европските трендови во однос на слободниот пристап до информациите од јавен карактер.

http://www.komspi.mk/?p=11871

Извор: КОМСПИ – 01.12.2016