Собранието го донесе ребалансот на буџетот за 2018 година

Собранието на Република Македонија по тридневна расправа со 53 гласа „за“ и 13 „против“ го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2018 година со кој се направени корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување.

Со ребалансот на Буџетот за 2018 година извршена е реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедени се дополнителни 763 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства во износ од 451 милиони денари на Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност. Намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно проекти финансирани со кредити.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, целта на ребалансот е да се направат корекции на расходната страна за да се обезбеди финансиска поддршка за општините со цел отплата на дел од долговите. 


,,Се обезбедува финансиска поддршка на општините во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита“, рече Тевдовски.

Од министерството за финансии велат дека со ребалансот приходната страна на Буџетот е незначително коригирана, за 0,5 отсто надолу. Како што тврдат, ова е резултат на намалувањето на приходите што ги остваруваат буџетските корисници на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси.

Со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто. Од Министерството за финансии посочуваат дека намалувањето на растот се должи на блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата.