ЗОШТО ПАК: Еврообврзницата како судбина и задолжување од нови 300 милиони евра?

Еврообврзницата станува судбински врзана за Македонија. Иако годинава поради задолжувањето имаше и протести, Владата не се откажа од овој начин на задолжување.

„Најавата за нови задолжувања со еврообврзница е спротивна на она што во јули годинава беше највено дека издадената еврообврзница ќе биде користена во тековната и за следната година, и затоа сметам дека најпрво треба да се искористат средствата кои што се во моментов на располагање од еврообврзницата од 2016 година, а дури потоа да се посегне кон нови задолжувања, вели Благица Петрески, директор на Институтот за економски истржувања и политики „Finance Think“.„

Ќе има нови долгови, што значи дека столбовите на оваа економска политика не попуштаат.

„Дефицитот номинално ќе се зголеми за 14% во однос на 2016 година, што значи дополнително креирање на долгови на државата. Финансирањето преку еврообврзница ќе биде многу поскапо од задолжувањето на домашниот пазар. Доколку е интенцијата да не се користи домашната акумулација, само би потсетили дека Меѓународниот монетарен фонд и другите меѓународни финансиски институции би одобриле кредити со далеку пониски каматни стапки. Сепак, на тој начин, Владата би ја изгубила “слободата“ во трошењата (особено непродуктивните), што во основа можеби и ни треба во овој момент. Инаку, проекцијата на дефицитот на 3% од БДП треба да биде максималната граница, а не како во изминатите години да се движи околу 4%. Заради тоа, останува сомнението дали првичните проекции ќе се испочитуваат“, вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

„Проектираниот буџетски дефицит ќе се покрие со ново задолжување. Долгот неминовно ќе расте најмалку до нивото на буџетскиот дефицит, оти,  фискалниот капацитет на домашната економија, при постојното ниво на фискално оптеретување е недоволен за покривање проектираното ниво на буџетска потрошувачка. Веќе не е прашање на денот дали ќе се задолжуваме, туку колку ќе се задолжуваме“, вели универзитетскиот професор Сами Бислими.

Извор:faktor.mk

Линк до веста