Колкаво е нивото на реактивна и проактивна транспарентност на јавниот сектор во РМ ?

 

Фискалната транспарентност е важен елемент за ефективно управување со јавните финансии. Таа помага во градењето на доверба на јавноста, во работењето на јавните институции и придонесува за одржливост во спроведувањето на јавните политики. Транспарентноста, исто така претставува и прозорец кон буџетското работење на државата, помагајќи ѝ на јавноста да ја повикa власта на одговорност. Оценувањето на нивото на реактивната и проактивната транспарентност има за цел да утврди дали власта ги почитува основните критериуми за транспарентно работење утврдени со меѓународни и национални стандарди. Процесот на оценување опфаќа мерење на обемот на јавно достапните документи за буџетското и програмското работење на јавните институции и оценка на почитувањето на нормите предвидени во важечкиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија.

Реактивната транспарентност на институциите се мери преку анализа на постапките за пристап до информации од јавен карактер, за секоја институција поодделно. Работењето на секоја институција се оценува од аспект на пет параметри, и тоа: број на одговорени барања во редовна постапка; број на нецелосно одговорени барања во редовна постапка; број на одбиени барања или запрени постапки од страна на имателите на информации од јавен карактер; број на барања по кои имателите молчеле; и просечен период на одговарање на доставени барања во редовна и жалбена постапка. Детални информации за методологијата за мерење на овој вид на транспарентност можете да најдете во публикациите подолу.

Проактивната транспарентност на институциите се мери преку спроведување мониторинг на објавувањето или необјавувањето на клучни документи и информации, како на пример: стратегија за работа, годишна програма за работа, предлог и донесен буџет, месечни и полугодишни извештаи за програмско и буџетско работење,  предлог и усвоена завршна сметка, информации за поднесување на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер итн. Детални информации за методологијата за мерење на овој вид на транспарентност можете да најдете во публикациите подолу.

Здружението ЕСЕ започна со примена на методологијата за оценка на реактивната и проактивната транспарентност од 2013 година, врз основа на која подготви три поединечни извештаи. Во 2014 година го проширивме бројот на опфатени институции и параметри за оценка. Оваа постапка Здружението ќе ја применува, развива и ќе ја надополнува и понатаму.

Со мерење на нивото на реактивната и проактивната транспарентност на јавните институции од Република Македонија имаме за цел да ги истакнеме јавните институции што се првенци по својата транспарентност и што можат да им служат за пример на другите институции. 

fiskalnatransparentnost.org.mk ги систематизира и ги прикажува податоците за оценка на степенот на проактивност и реактивност на јавните институции од Република Македонија што се предмет на интерес на работењето на ЕСЕ. Податоците презентирани во овој дел се добиени во постапката за остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и континуиран мониторинг на интернет‑страниците на дел од јавните институции.

 

Оценка на нивото на реактивна и проактивна транспарентност на јавните институции во РМ: