Здружението ЕСЕ во периодот од јануари до мај 2014 година учествуваше во работните групи за развивање на компонентите “Слобода на информации” и “Ефикасно управување со јавните ресурси – фискална транспарентност” од Акциски план за Отворено Владино Партнерство 2014 – 2016 година. Консултативниот процес беше спроведен во координација со Министерството за информатичко општество и администрација, координатор на иницијативата за Отворено Владино Партнерство во РМ.
Пред почетокот на консултативните средби, Здружението ЕСЕ спроведе постапка за прибирање на предлози за унапредување на транспарентноста во работењето на јавните институции со следните граѓански организации од РМ: Коалиција “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”, ХОПС – Опции за здрав живот, НВО КХАМ Делчево, НВО ЦДРИМ, НВО РОМА СОС и НВО ЛИЛ. Сите добиени предлози беа базирани на клучните проблеми со кои се соочуваат овие граѓански организации, а се поврзани со нетранспарентното работење на јавните институции во РМ. Здружението ЕСЕ, врз основа на добиените предлози подготви сумарен документ кој го достави до Министерството за информатичко општество и администрација.
По доставените предлози Здружението ЕСЕ во периодот од јануари до мај 2014 година учествуваше на четири средби со Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Министерството за правда, Бирото за јавни набавки, Генералниот секретаријат на Владата на РМ и Секретаријатот за европски прашања на РМ. На овие средби детално беа презентирани доставените предлози и заедно со институциите кои учествуваа во процесот бед детално развивани мерките од Акцискиот план.
По процесот на преговори, Владата на РМ усвои вкупно девет мерки, предлог на Здружението ЕСЕ, во компонентите “Слобода на информации” и “Ефикасно управување со јавните ресурси – фискална транспарентност” од Акциски план за Отворено Владино Партнерство 2014 – 2016 година.
Прилог:
- Предлог мерки доставени до Министерството за информатичко општество и администрација.
- Усвоен Акциски План за Отворено Владино Партнерство 2014 – 2016 година.