Што претставува фискалната транспарентност?

 

Транспарентностa претставува цел сама по себе: Член 19 од Универзалната декларација за човекови права го гарантира основното право на пристап до информации од јавниот сектор. Транспарентноста, исто така претставува средство за унапредување на управувањето со јавниот сектор. Транспарентноста го зајакнува гласот на граѓаните, помагајќи им да влијаат врз донесувањето на одлуки директно, преку нивните избраници во парламентот и преку политичкиот процес. Создавањето на информации со кои се прикажуваат намерите, активностите и последиците врз јавниот сектор е исто така неопходно, но не доволно за постигнување на задоволително ниво на отчетност.

Фискалната транспарентност е важен елемент за ефективно управување со јавните финансии, помага во градењето на доверба на јавноста во работењето на јавните институции и придонесува за одржливост во спроведувањето на јавните политики. Транспарентноста, исто така претставува прозорец кон буџетското работење на државата, помагајќи ѝ на јавноста да ја повикa власта на одговорност.

Фискалната транспарентност е дел од поширокиот поим за транспарентност и пристап до информации во јавниот сектор. Транспарентноста има две различни димензии: прво, пристап до информации поврзани со процесите и процедурите врз основа на кои јавниот сектор презема и спроведува одлуки; и второ, пристап до информации во сопственост на јавниот сектор. 

Фискалната транспарентност е поширок поим од поимот на буџетска транспарентност. Таа ги вклучува сите активности преземени во буџетскиот сектор (буџетска транспарентност) и оние преземени надвор од буџетскиот сектор, односно таканаречените „квази фискални“ активности (преземени надвор од владиниот сектор, од јавни претпријатија или централните банки). Фискалната транспарентност се однесува на сите средства и обврски на јавниот сектор, како и приходите и расходите одобрени со усвоениот годишен буџет. Таа подразбира објавување на фискални информации, вклучување на граѓаните во процесот на креирање на фискални политики и донесување на фискални одлуки.

Фискалната транспарентност вообичаено се дефинира и се мери според достапноста и квалитетот на информациите што се однесуваат на институционалната поставеност во управувањето со јавните финансии и планираните и постојаните финансиски операции во јавниот сектор.

Фискалната транспарентност е особено важна заради тоа што овозможува граѓаните, доверителите на државата, инвеститорите и учесниците на финансиските пазари прецизно да ја измерат финансиската позиција на државата и да ги утврдат реалните трошоци и придобивки од  владините активности и мерки, вклучувајќи ги нивните сегашни и идни економски и социјални импликации. Достапноста на фискалните информации придонесува за редуцирање на пазарните ризици и несразмерноста во поседувањето на информации, овозможувајќи им на пазарите да функционираат поефикасно. Земјите, чии јавни финансии се потранспарентни имаат подобра фискална дисциплина, помал простор за корупција, подобар кредитен рејтинг и пониски трошоци за покривање на долгот во јавниот сектор.

Повисоко ниво на транспарентност може да се постигне само преку комбинирање на транспарентноста со учеството на граѓаните во донесувањето на одлуки и креирањето на јавните политики.

Исто така, „фискалната транспарентност подразбира обезбедување на сеопфатни и веродостојни информации за минатите, сегашните и идните активности на Владата, а пак достапноста на ваквите информации го подобрува квалитетот на процесот на донесување на одлуки. Фискалната транспарентност, исто така, помага во нагласувањето на можните ризици врз фискалниот сектор. Наедно, од фискалната транспарентност најголем бенефит имаат граѓаните на кои им се обезбедуваат потребните информации со кои можат да ја повикуваат Владата на одговорност. Исто така, од  фискалната транспарентност бенефит има и самата Влада на која ѝ се олеснува пристапот до меѓународниот пазар на капитал“ (Code of Good Practices on Fiscal Transparency, IMF).

Повеќе информации за тоа што претставува фискалната транспарентност и колкава е нејзината важноста за јавноста и државата, можете да добиете во материјалите поставени во делот Публикации.