Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ го развива и го помага женското и граѓанското лидерство за развој и спроведување на човековите права и социјалната правда во нашето општество.
За постигнување на целите користиме различни пристапи и тоа: мониторинг и анализа на буџети; мониторинг на човековите права и обезбедување на помош и информации.
Се залагаме за креирање на буџети во насока на задоволување на потребите на граѓаните, ефикасно користење на расположливите средства и доследно спроведување на програмите и политиките во областа на здравството. Овој пристап го надградивме со користење на мониторинг на заедницата, преку кој го мобилизираме населението и го зголемуваме нивното познавање на здравствените права. Со тоа овозможуваме населението самостојно да го оцени работењето на здравствените власти и здравствените работници, и уште повеќе, го поттикнуваме самостојно да ги застапува своите интереси и потреби на локално и на национално ниво. Напоредно работиме и на зголемување на степенот на транспарентност и отчетност на јавните институции, а особено на институциите и установите што се дел од здравствениот систем.
Го следиме степенот на спроведување на меѓународно прифатените обврски, при што идентификуваните сфери на загриженост и препораки ги документираме и за нив известуваме пред меѓународно одговорните тела за правата на човекот. На тој начин влијаеме на менување и унапредување на законите и политиките, како и поставување на повисоки стандарди за постапување.
Овозможуваме соодветна и навремена правна и параправна заштита и ги информираме и ги запознаваме граѓаните со можностите за заштита на нивните права.
Што работи Здружението ЕСЕ на полето на фискалната транспарентност и отчетност на јавните институции:
Транспарентноста – отвореноста во постапката на планирање, креирање и имплементација на државните политики, а особено транспарентноста во однос на планирање и спроведување на јавните финансии, е клучен елемент за добро владеење. Буџетот претставува еден од најважните документи, односно тој претставува спој на сите актуелни владини политики што се остваруваат со негова реализација. Буџетската транспарентност се дефинира како навремено и систематско обелоденување на сите релевантни фискални информации.
ЕСЕ верува дека транспарентноста не се стекнува, туку се создава. Една држава ќе постигне високо ниво на демократско владеење тогаш кога вистински ќе ја оствари транзицијата од конзервативна кон отворена власт при што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со податоците во однос на тоа што прави државата со парите што ги инвестираат во неа. На тој начин граѓаните ќе бидат информирани како работат и што всушност работат нивните политички избраници и ќе можат да ги разберат одлуките што ги донесуваат, ќе можат да влијаат при нивното донесување, ќе учествуваат во нивното креирање и особено ќе стекнат доверба во власта и ќе имаат чувство дека се рамноправни членови на општеството во кое живеат.
Буџетската транспарентност и отчетност треба да претставуваат одлика на секоја демократска држава. Нискиот степен на транспарентност и отчетност на државните институции ги поттикнува граѓанските организации, меѓународните институции, експертите и останати да преземат активности и да иницираат измени во досегашните практики на работење на државните институции. Во таа насока, како резултат на сè поголемата затвореност и сè пониската транспарентност во работењето на државните институции во Република Македонија, ЕСЕ користи различни методи и техники за оценување на моменталните состојби и трендови во Република Македонија и презема низа активности за зголемување и промовирање на принципите за буџетска транспарентност и практикување на правото на информираност и партиципација во работењето на јавните институции и влијае на нивното почитување.
Сето ова го правиме преку оценување на степенот на почитување на широкоприфатените принципи на транспарентно работење и објавување на буџетски документи; го поттикнуваме транспарентното работење на државните институции преку редовно практикување на механизмот за пристап до информации од јавен карактер; ги следиме активностите што ги преземаат другите држави во насока на зголемување на нивната транспарентност во буџетското работење; го следиме развојот на политиката на Република Македонија за транспарентност во работењето и го оценуваме степенот на исполнување на преземените обврски за транспарентност во работењето; ја информираме јавноста за состојбите од оваа област во нашата земја и нивните права од овој домен; го оценуваме степенот на учество на граѓаните во работењето на јавните институции и ги поттикнуваме самостојно да бараат вклучување и да иницираат промени во досегашното работење на јавните институции; дел сме од меѓународните движења за буџетска транспарентност; континуирано ги градиме нашите капацитети и капацитетите на другите граѓански организации.
Особено внимание посветуваме на транспарентното работење на институциите од здравствениот систем на Република Македонија и сите други институции што на различен начин се вклучени во работењето на здравствените институции. Посветуваме внимание и на учеството на граѓаните во процесите на донесување на одлуки и буџетските процеси на локално ниво.
Прочитај повеќе за ЕСЕ на следниот линк: www.esem.org.mk.