Објавен во Службен весник број: 09/2004
Датум на објавување: 27.02.2004
Хронологија на измени и дополнувања: 9/2004; 113/2007; 145/2010; 80/2012; 41/2014; 21/2018; 83/2018;
Што уредува овој закон: Со овој закон се уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации.
Клучни одредби од овој закон кои се однесуваат на пристап до информации од јавен карактер:
“Член 5, став 2 - Информација од интерес за Република Македонија е секоја информација или материјал изготвен од државните органи, орган на единицата на локалната самоуправа, јавно претпријатие, јавна установа и служба, правно и физичко лице, како и странски државни органи, странски правни и физички лица, кои се однесуваат на безбедноста и одбраната на државата, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, уставниот поредок, јавниот интерес, слободите и правата на човекот и граѓанинот.”
“Член 5, став 3 - Класифицирана информација е информација која се заштитува од неовластен пристап или употреба и која се определува со степен на класификација.”
“Член 6 - Со класификација на информацијата се определува степенот на заштита на информацијата која треба да биде соодветна со степенот на штетата што би настанала за Република Македонија со неовластен пристап или неовластена употреба на информацијата. Информациите кои се предмет на класификација се однесуваат особено на: јавната безбедност; одбраната; надворешните работи; безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности на органите на државната управа на Република Македонија; системи, уреди, проекти и планови од важност за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи; научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Македонија.”
“Член 7, став 3 - Информацијата се определува со еден од степените на класификација: државна тајна; строго доверливо; доверливо и интерно.”
“Член 8 - Класифицираната информација со степен "ДРЖАВНА ТАЈНА" е информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија.
Класифицираната информација со степен "СТРОГО ДОВЕРЛИВО" е информација создадена од државните органи, органи на единиците на локалната самоуправа и други институции која е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија, а чие неовластено откривање би предизвикало исклучително сериозна штета за виталните интереси на Република Македонија.
Класифицираната информација со степен "ДОВЕРЛИВО" е информација создадена од државните органи, органи на единиците на локалната самоуправа и други институции која е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија, а чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Македонија.
Класифицираната информација со степен "ИНТЕРНО" е информација чие неовластено откривање би предизвикало штета за работењето на државните органи, единиците на локалната самоуправа и други институции кои се од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија.”
Прилог, консолидиран текст на законот...