Објавен во Службен весник број: 05/2002
Датум на објавување: 29.01.2002
Што уредува овој закон: Со овој закон се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот - сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.
Клучни одредби од овој закон кои се однесуваат на граѓанско учество на локално ниво:
“Член 2 - "Непосредно учество на граѓаните" е поединечно или колективно вклучување на жителите на општината во одлучувања за работи од локално значење во различни нивоа на одлучување;”
“Член 5 - Граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа непосредно и преку претставници во органите на општината.”
“Член 8 - (1) Органите на општината, комисиите на советот и јавните служби основани од општината се должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината, на начин утврден со статутот. (2) Општината е должна на граѓаните да им овозможи пристап кон основните информации за услугите што им ги обезбедува, на начин и под услови уредени со статутот.”
“Член 25 - (1) Граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон. (2) Трошоците за спроведување на непосредното учество на граѓаните во одлучувањето паѓаат на товар на општинскиот буџет.”
“Член 26 - (1) Граѓаните имаат право да му предложат на советот да донесе одреден акт или да реши одредено прашање од неговата надлежност. (2) Граѓанска иницијатива не може да се поднесе за кадровски и финансиски прашања. (3) За предлогот од ставот (1) на овој член, советот е должен да расправа ако го поддржат најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање. (4) Расправата од ставот (3) на овој член, советот е должен да ја одржи најдоцна во рок од 90 дена по доставената иницијатива и да ги информира граѓаните за својата одлука.”
“Член 27 - (1) Собир на граѓани може да се свика за подрачјето на целата општина или за подрачјето на месната самоуправа. (2) Собирот на граѓани го свикува градоначалникот на општината по сопствена иницијатива, на барање на советот или на барање од најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање. (3) Органите на општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат заклучоците донесени на собирот на граѓаните и да ги земат предвид при одлучувањето и донесувањето мерки по прашањата на кои се однесуваат, како и да ги информираат граѓаните за своите одлуки.”
“Член 28 - (1) Граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. (2) Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината. (3) Советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива. (4) Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот. “
“Член 29 - (1) Секој граѓанин има право, поединечно или заедно со другите да доставува претставки и предлози за работата на органите на општината и општинската администрација. (2) Градоначалникот е должен: да создаде услови за доставување претставки и предлози; најдоцна во рок од 60 дена, од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави образложен одговор и претставките и предлозите коишто не се однесуваат на работи од надлежност на органите на општината да ги достави до соодветниот надлежен орган и за тоа да го извести подносителот.”
“Член 30 - При изготвувањето на прописите на општината, советот, односно градоначалникот може претходно да организира јавни трибини, да спроведе анкети или да побара предлози од граѓаните.”
“Член 42 - (1) Советот работи на седници. (2) Седниците на советот се јавни. (3) За исклучување на присуството на јавноста на седницата се одлучува ако за тоа постојат оправдани причини утврдени со статутот, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот. (4) На расправата за буџетот на општината, годишната сметка на буџетот и за урбанистичките планови, присуството на јавноста не може да се исклучи.”
Прилог, консолидиран текст на законот...