Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер

 

Објавен во Службен весник број: 13/2006

Датум на објавување: 01.02.2006

Хронологија на измени и дополнувања: 13/2006; 86/2008; 6/2010; 42/2014; 178/2015; 55/2016; 64/2018;

 

Што уредува овој закон: Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје,  установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон.

Клучни одредби од овој закон кои се однесуваат на пристап до информации од јавен карактер:

Член 2 - Со овој закон се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информации, и им се овозможува на физичките и правните лица да го остваруваат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Имателите на информации за својата работа се должни да овозможат информираност  на јавноста.”

Член 3, став 1, 2 и 3 - Иматели на информации се органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон. Информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности. - Барател на информација е секое правно и физичко лице  без дискриминација по која било основа, на начин и под услови утврдени со овој и друг  закон.”

Член 4, став 1 - Слободен пристап до информации имаат сите правни и физички лица.”

Член 6 - Имателите на информации можат да одбијат барање за пристап до информација во согласност со закон ако информацијата се однесува на: 1) информација која врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност; 2) личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци; 3) информација за архивското работење која е утврдена како доверлива; 4) информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка; 5) информација стекната или составена за истрага,  кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката; 6) информација, што се однесува на комерцијални и други економски интереси, вклучувајќи ги и интересите на монетарната и фискалната политика и чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата; 7) информација од документ што е во постапка на подготвување и се уште е предмет на усогласување кај имателот на информации, чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината и 8) информација која ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост (патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот).

По исклучок ... имателите на информации ќе одобрат пристап до информација, по задолжително спроведениот тест на штетност со кој ќе се утврди дека со објавувањето на таквата информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавувањето на информацијата.”

Член 7 - Ако документот или негов дел содржи информации од членот 6 став (1) на овој закон што можат да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, имателот на информации ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот дел од документот.”

Член 12- Барателот пристапот до информацијата може да го бара усно, писмено или во електронски запис. Секој барател врз основа на  барање има право на пристап до информација од имателот на информации со кои располага, и тоа со увид,  препис, фотокопија или електронски запис.”

Член 21, став 1 - Имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на  барањето.”

Член 22, став 1 - Ако  на имателот на информацијата му е потребно подолго време од рокот утврден во членот 21 од овој закон за да овозможи делумен пристап до информацијата, согласно со членот 7 од овој закон или поради обемноста на бараниот документ може да се продолжи рокот, но најмногу до 40  дена од денот на приемот на барањето.”

Член 27 - Право на правна заштита во согласност со овој закон има барателот кој поднел писмено барање за пристап до информација.”

Член 28 – Против решението со кое имателот на информацијата го одбил барањето, барателот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на прем на решението до Комисијата за заштита на правото на пристап до информациите од јавен карактер. Барателот има право да поднесе жалба до Комисијата ако имателот не ја обезбеди бараната информација или пак не достави решение за одбивање на барањето; достави информација која не е барана со доставеното барање; ако имателот делумно или целосно го одбие поднесеното барање. Комисијата по овие жалби решава во рок од 15 дена од денот на прием на жалбата. Доколку, Комисијата не донесе решение по жалба, а не го донесе ниту во рок од седум дена по повторното барање, барателот може да поведе управен спор.”

Член 36, став 1 - Имателите на информации ја запознаваат јавноста со начинот и условите за пристап до информации.”

Прилог, консолидиран текст на законот...